Промоција на НОВИНАРСКИ ПРИРАЧНИК, 1 ноември 2011 година
Интегритет и одговорност на новинарот и новинарството за јавно изречениот збор, довербата на граѓаните и на општеството во медиумите, како и градење и одбрана на достоинството на новинарството како професија - се содржините на Новинарскиот прирачник, што се промовира денеска во Клубот на новинарите во Скопје.
Цел на Прирачникот е да ги потстетува новинарите и вработените во медиумската сфера дека сопствениот интегритет, одговорност и улога во општеството можат и мораат да се градат само врз основа на почитување на законите, кодексот, етичките принципи, како и на професионалните правила и вредностите и практики на добро однесување.
Новинарскиот прирачник е заеднички проект на Цивил Медиа, Цивил – Центар за слобода и на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Проектот е реализиран со поддршка на Амбасадата на Кралството Нрвешка во Скопје, а е дел од Годишната програма на Цивил – Центар за слобода, поддржана од Програмата Civica Mobilitas, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Центар за институционален развој (ЦИРа).
Прирачникот го подготвија новинарите Ристо Поповски, Илир Ајдини, Јосиф Ќурчиев и Дејвид Бруер, медиумски експерт од Велика Британија.
Во прирачникот се поместени искуства од новинарството во Норвешка, која според својата професионалност и улога во општеството, се вбројува меѓу најдобрите во светот. Користени се искуства од Велика Британија и од Германија, каде што новинарството има долга традиција и го карактеризира висок професионализам. Во Прирачникот се и Кодексот на новинарите на Македонија, како и прилогот Новинарите против корупцијата.
За значењето на проектот што е печатен на македонски и на албански јазик и ќе биде достапен до секој новинар, зборуваа претседателот на Цивил – Центар за слобода, Џабир Дерала, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и раководителот на проектот Ристо Поповски. Дејвид Бруер испрати специјално видео обраќање по повод овој проект.
„Новинарите никогаш не смеат да заборават дека најважната одлика на нивната работа е потрагата по вистината. Новинарите треба да оберат дали ќе бидат новинари или ќе бидат обични пропагандисти на политичките центри на моќ. Затоа, овој прирачник им е потребен на новинарите како потсетник за улогата која ја имаат во општеството. Од денеска и јас ќе го носам Новинарскиот прирачник со себе. Здружението на новинарите на Македонија ја има обврската да го достави до сите свои членови и да ја засили својата активност меѓу новинарите за одбрана на нивното достоинство и интегритет“ – рече Насер Селмани.
„Новинарите, заради сопствениот интегритет и одговорност не смеаат да дозволат да потпаднат под влијание или да потклекнат на притисокот без оглед од каде доаѓаат“ – рече Ристо Поповски. Тој повтори дека „новинарите мораат да настојуваат балансирано да известуваат за најважните настани, критички да ги опсервираат, да покренуваат клучни прашања и дебати за нив. Само така новинарите и новинарството можат да ја остварат својата улога во општеството, да придонесат во остварувањето на слободите и правата на човекот, развојот на демократијата и промовирање на највисоките морални, хумани и културни вредности“.
„Општество без независно и критичко новинарство е назадно општество во кое се кршат човековите права и слободи и во кое се негуваат вредности кои им припаѓаат на најмрачните времиња на човековата цивилизација. Равенството слободни медиуми = демократија е точно и важи за сите општества во светот. Да, токму толку е важно новинарството и токму затоа една организација како Цивил се занимава и со медиумите, иако првенствено е организација за човекови права и слободи. Повеќепати досега изјавував, а тоа ќе го повторам и во оваа прилика: за слободата не се преговара“ – рече Џабир Дерала.
„Новинарите работат под силен притисок. Не само од надворешни извори, како што се политичарите, бизнисот, криминалците, туку и од нив самите. Веројатно, една од најголемите закани за новинарството е автоцензурата. Нашата работа мора да биде објективна, фер и точна. И непристрасна. И мора постојано да бидеме потсетувани за важноста на нашата улога во општеството. Предизвикот сега е да го надградиме овој прирачник и да анализираме како тој делува во пракса, да понудиме обука и поддршка на оние што се обидуваат да ги применат овие упатства и да ги поддржиме на тој пат“ – изјави Дејвид Бруер по повод проектот.
Заинтересираните, Новинарскиот прирачник на македонски и на албански јазик можат да го добијат во Цивил – Центар за слобода и во Здружението на новинари на Македонија. Прирачникот ќе се дистрибуира и при неговата промоција во неколку градови низ Македонија и на други форуми.
0 comments:
Post a Comment